2 Timothy 3
1 Но ова знај го: во последните денови ќе настанат времиња тешки.
2 Зашто луѓето ќе станат саможиви, среброљупци, самофалци, горди, хулители, непокорни спрема родителите, неблагодарни, неправедни, недружељубиви,
3 непомирливи, клеветници, невоздржливи, нескротливи, недоброљупци,
4 предавници, пребрзи, надуени, повеќе сластољупци отколку богољупци,
5 на изглед побожни, а од силата на Бога се одрекле. И од нив одвратувај се!
6 Кон нив припаѓаат и оние што се завлекуваат по куќите и измамуваат жени, што се претоварени со гревови и обземени од разни похоти,
7 жени, кои секогаш се учат и никогаш не можат да дојдат до познавањето на вистината.
8 Па, како што му се противеа на Мојсеја Јаниј и Јамвриј, така и тие ѝ се противат на вистината, бидејќи се луѓе со изопачен ум, неискусни во верата.
9 Но нема да успеат повеќе, зашто безумието нивно ќе се открие пред сите, како и на оние двајца.
10 Ти се угледа на моето учење, животот, целта, верата на мојата големодушност, љубовта, трпеливоста,
11 на моите гонења и страдања, што ми се случија во Антиохија, и во Иконија, и во Листра, какви прогони претрпев; и од сѐ Господ ме избави.
12 Па и сите, што сакаат да живеат побожно во Христа Исуса, ќе бидат гонети.
13 А лошите луѓе и лажливците ќе напредуваат во злото, заблудувајќи други како и себеси.
14 Но ти остани во тоа, што си го научил, и што ти е поверено, знаејќи од кого си го научил,
15 бидејќи уште како мал ги знаеш Светите Писанија, што можат да те направат мудар за спасение преку верата во Христа Исуса.
16 Целото Писмо е од Бога вдахновено и полезно за поука, за изобличување, поправање и поучување во правдата,
17 за да биде Божјиот човек совршен и годен за секое добро дело.